1992-2002
10 ГОДИНИ ЈОГА ВО
ЗАВОДОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, ЛЕКУВАЊЕ И РЕХАБИЛИТАЦИЈА
НА КАРДИОВАСКУЛАРНИ ЗАБОЛУВАЊА - ОХРИД
Ванчо Тасески
Кардиоваскуларните заболувања во светски размери
се на водечко место во однос на сите други заболувања
и се јавуваат со над 50% како причина на смртност,
далеку повеќе од сите други причини за смртност.
Ова укажува на нивната важност во современата
цивилазација и коронарната болест ги надминува
рамките на медицината. Таа претставува и економски,
социјален и хуманитарен проблем. Инфарктот и другите
форми на коронарна болест се класично психосоматско
заболување при што нарушувањата во психичкиот
живот на ментално здравите луѓе неминовно се одразуваат
врз состојбата на срцето. Пред се тука се мисли
на хроничниот и акутниот психички стрес заради
одредени конфликтни ситуции во самиот човек или
пак помеѓу човекот и средината која го опкружува.
Срцевите заболувања во експанзија
Во последно време структурата на болните во однос
на возраста е променета. Ова заболување беше карактеристично
за петата, шестата и седмата деценија од животот.
Но денес не е мал бројот на млади луѓе кои доживуваат
инфаркт на срцето меѓу четвртата и втората деценија
од животот. За жал овие пациенти доживуваат потешки
инфаркти со повисока инвалидност и смртност.
Од експанзијата на кардиоваскуларните заболувања
не е поштедена ниту популацијата во Македонија.
Овие заболувања се во значителен пораст кај нас
во последнава деценија. Бројот на новозаболени
секоја година е во пропорционален однос со влошувањето
на општата економска, политичка и безбедносна
ситуација кај нас. Ако пред десетина години бројот
на новонастанати инфаркти годишно се движеше околу
2000, сега тој број е далеку поголем и според
неофицијални податоци изнесува над 3000 новонастанати
инфаркти годишно. Овој податок сам по себе говори
за сериозноста на овој проблем, за психолошките
трауми на заболениот, хендикепираноста во целото
семејство, големите материјални трошоци на општеството
за лекување, боледување, пензии, за ненадокналивоста
на загубениот човечки живот. Затоа треба да се
посвети големо внимание на борбата против факторите
на ризик, бидејќи превенцијата е секогаш поевтина
од лекувањето и може масивно да се примени.
Улогата на јогата во превенцијата
Јогата пред се многу успешно делува во превенцијата
на кардиоваскуларните заболувања при што во голема
мера се намалуваат штетните влијанија на факторите
на ризик. Но исто така поради широката лепеза
на психофизички техники и начинот на изведувањето
на техниките таа извонредно успешно се користи
и откако ќе се јават таквите заболувања, односно
во нивната терапија, рехабилитација и во секундарната
превенција.
Кога болеста ќе се манифестира, на пример како
срцев удар (инфаркт) медицината препорачува поригорозен
режим во однос на исхраната, да не се консумира
алкохол, да се престане со пушењето, да не се
преморува пациентот со работата, да може да не
се нервира и сл. И тука почнуваат проблемите.
Како да не се нервираме, а има голем број причини
за нервоза? Како да ги смениниме навиките и начинот
на живот за да не се влоши здравјето? Како и колку
да бидеме физички активни? Како да се научи да
се живее со болеста? Сега треба да се создадат
нови навики, да се менува психоменталната шема
и начинот на живот. Сето тоа не е лесно. За тоа
треба знаење, треба снага и упорност да се постигне.
Тука јогата може многу да помогне, бидејќи преку
нејзиното практикување развиваме моќ на самопознавање
и самоконтрола. Благодарение на тоа, по пат на
увид на нашите особини и карактер доаѓа до промена
на начинот на кој што ги гледаме работите, начинот
на кој што го сфаќаме животот и квалитетите што
ги бараме во животот. Улогата на јогата е во разоткривањето,
односно во изнаоѓањето на вистинскиот спој помеѓу
телото, психата и менталот. Преку нејзиното практикување
се стекнува знаење, се стекнува свесност и снага
да делуваме позитивно во подобрувањето на сопственото
здравје.
Конкретни чекори
Знаејќи ги превентивните и терапеутски можности
на јогата сите центри при Јога сојузот на Македонија,
во минатото и сега, прават континуирани напори
и спроведуваат конкретни активности во запознавањето
и приближувањето на јогата до јавноста и надлежните
медицински установи заради нејзино вклучување
во превенцијата, терапијата и рехабилитацијата
на различни заболувања, а посебно на психосоматските
заболувања. Една таква активност за запознавање
на лекарите од Заводот за превенција, лекување
и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања
во Охрид спроведе и Јога- друштво Струга. Идејата
за примена на јогата во рехабилитацијата на пациенти
со кардиоваскуларни заболувања е од постар датум,
но првите контакти со оваа единствена установа
од ваков вид кај нас направени се во 1991 година.
Контактот на Ванчо Тасески, професор по јога со
Д-р. Марјан Котлар, спец. интернист лекар од Кардиолошкиот
завод се разви во долгогодишна соработка. Се покажа
дека постојат огромен број на допирни точки на
современата медицина и јогиската терапија во однос
на овие заболувања, што го покажуваа и искуствата
на Д-р. Котлар во центрите за срцеви заболувања
во Минхен.
Лекарскиот конзилиум на Заводот беше подетално
запознает со широката лепеза на техники и принципи
кои можат да ги применуваат пациентите во Заводот.
Идејата и иницијативата за вклучување на јогата
по специјализирана програма беше прифатена од
Д-р. Тоде Клишески, тогаш директор на Заводот,
од Д-р. Илија Прангоски тогаш заменик директор
и од другите лекари во Заводот. Тогаш се поставија
прелиминарните основи на соработката меѓу Заводот
и Јога друштво - Струга, заради примена на јогата
во рехабилитацијата на пациентите со кардиоваскуларни
заболувања кои престојуваат во оваа установа.
Специјализираниот курс по јога терапија за пациентите
во Кардиолошкиот завод започна во мај 1992 г.
Искуствата и резултатите на пациентите од првиот
циклус крсеви ја потврдија и практично позитивната
делотворност на јогата во рехабилитацијата и секундарната
превенција на кардиоваскуларните заболувања. Од
тогаш наваму, со кратки прекини, јога терапијата
како комплементарен метод е постојано присутна
како дел од интегралниот режим на рехабилитација
на пациентите. Многу подобри услови за непрекината
работа и во зимскиот период се создадоа кога Заводот
се здоби со сопствен современ објект за одвивање
на својата дејност.
Практичните часови се одржуваат три пати неделно
(понеделник, среда и петок) и до крајот на 2002
г. курсевите ги посетувале 1316 пациенти од цела
Македонија. Како најзастапен здравствен проблем
е инфаркт на срцето, но исто така застапени се
и другите пореметувања и медицински интервенции:
ангина пекторис, хипертензија, излив на крв во
мозокот, стекнати и вродени срцеви мани, пациенти
со бај-пас операции, операции на залистоци, вграден
стент, пејсмејкер и други. Искуствата и резултатите
се значајни во подобрувањето на целокупната психофизичка
состојба на пациентите: постигнување поголема
психоментална опуштеност и стабилност, намалување
штетните влијанија на факторите на ризик, зголемена
еластичност и кондиција, поквалитетно спиење,
намалување на нервозата и стравот од болеста,
освестување и промена на одредени навики во секојдневниот
живот кои штетно влијаат на здравјето и сл. Низ
разговорите со пациентите кои беа со најразлична
етничка, социјална, образовна и професионална
структура се потврдува по којзнае кој пат дека
јогата не познава граници, дека таа може да направи
многу за подобрување на здравјето и подигнување
на квалитетот на животот.
За вклучување на јогата како комплементарен метод
на рехабилитација посебен придонес дадоа лекарите
Д-р. Илија Прангоски, Д-р. Тоде Клишески, Д-р.
Марјан Котлар и Д-р. Наум Зимоски. Исто така свој
придонес има и психологот Славица Ристаноска како
и лекарите кои веќе не работат во Заводот: Д-р.
Виктор Топалоски и Д-р. Стојна Маслова, а исто
така и медицинските сестри и техничари од Заводот.
Нивниот придонес продолжува и понатаму, а во последниве
години свој придонес даваат и помладите лекари
од поновата генерација.
Од посебно значење е улогата на учителот Павлос
К. Хасанагас кој ја конципираше специјализираната
јога програма за пациентите и со своите препораки,
упатства и насоки даваше постојан поттик за квалитетно
и успешно одвивање на меѓусебната соработка и
истражувањето на применливоста на јогата кај овој
вид заболувања.
Овој проект се одвива во меѓусебна координација
на Кардиолошкиот завод од Охрид, Јога друштво
- Струга, Центарот за јога наука од Атина и Јога
сојузот на Македонија.
Искуствата и резултатите од примената на јога
терапијата во Заводот сумирани се во неколку трудови,
презентирани на различни научни конгреси, конференции
и други собири:
Јога како метод на рехабилитација на кардиоваскуларни
заболувања - презентирана на 5. светски конгрес
за јога и холистичка медицина, Анеси - Франција,
1994 г.
Јогата како комплементарен метод на рехабилитација
на пациенти после инфаркт на миокардот - презентирана
на: 30. Меѓународна конференција за најновите
сознанија од истражувањата и примената на јогата,
Бангалор - Индија, 1995 г.; 6. Светски конгрес
за холистички живот и медицина, Каликат - Индија,
1996 г. Истата тема беше презентирана и во научно-истражувачката
установа за јога Каивалјадама во Лонавла - Индија,
во Колеџот Аштанга ајурведа во Пуна - Индија,
во Јога институтот Санта Круз во Бомбај Индија,
во Клиничкиот центар Каивалјадама во Бомбај- Индија.
Оваа тема беше во целост објавена во стручното
списание Арјаваидјан што го издава компанијата
за ајурведа Арја Ваидја Сала од Котакал - Индија.
Примена на јогата во рехабилитацијата на кардиоваскуларните
заболувања презентирана на 1. Македонски конгрес
за кардиологија одржан во Охрид, 1996 г.
Јогата како комплементарен метод на рехабилитација
на пациенти после прележан инфаркт на миокардот
презентирана на 1. Научен собир за јога Науката
и духовноста кон крајот на ХХ век одржан во Охрид,
1997 г.
Јога како комплементарен метод на секундарна превенција
на кардиоваскуларни заболувања - презентирана
на 1. Конгрес на лекарите од превентивна медицина
на Македонија одржан во Охрид, 1998 г.
Коавтори на овие теми се: Павлос К. Хасанагас,
Д-р. Марјан Котлар, Ирена Едровска, Ванчо Тасески
и Кети Едровска-Исајловска.
На сите овие собири, а посебно во Франција и
Индија, темите беа одлично прифатени со многу
високи и позитивни мислења за самите теми но и
за целокупната работа околу примената на јогата
во заводот. Интересен беше податокот што во многу
побагати земји со повисоко развиен здравствен
систем не постои ваков вид на континуирана примена
на јогата во установите за рехабилитацијата на
кардиоваскуларните заболувања. За овие трудови
преку интернет се интересираат и луѓе од различни
страни од светот кои имаат слични здравствени
проблеми и кои освен други методи сакаат да ја
вклучат и јогата во превенцијата и рехабилитацијата
на кардиоваскуларните заболувања.
|