За нас

Курсеви

Книги

Обука на наставници

 EN

 


 

 

ЈОГА ВО ТРЕТАТА ДОБА

КУРСЕВИТЕ СЕ ОДРЖУВААТ ВО
СИТЕ ДРУШТВА И СЕКЦИИ

Се постигнува виталност и добро здравје. Се открива убавината на "третата доба". Се ублажуваат или потполно се надминуваат тегобите од дегенеративните заболувања на 'рбетот, како на пример, спондилоза.  Се намалува крутоста на телото и се подобрува подвижноста и еластичноста. Се подобрубва квалитетот на спиењето. Јога програмата е најефикасна како превенција на заболувањата карактеристични за поодминатите години.

Добри резултати се постигнуваат и во терапијата и рехабилитацијата. Искуството покажува дека практикантите од третата доба доживуваат пресврти во животот, односно стануваат дополнително активни на таа возраст, благодарејќи на менувањето на ставот што го имаат кон себе и кон околината. Сфаќањето дека нивните способности се намалени поради годините се коригира, се поттикнуваат позитивни размислувања што будат нови потенцијали и стануваат поактивни и попродуктивни.

 

"Постои една природна јога, природна мудрост што секој човек

ја носи во себе. Јогата всушност не прави ништо друго туку го открива

човекот и го прави свесен за она што го носи во себе: убавината, свежината, мудроста, кои се општочовечки карактеристики."
Павлос К. Хасанагас

 


Трибина

ЈОГА ЗА ЛУЃЕТО ВО ТРЕТАТА ДОБА

 

    Трибината се одржа во склопот на манифестацијата Недела на јогата во Скопје, на 4 април 2001 година во Домот на хуманитарните организации "Даре Џамбаз". Идејата беше да се отворат нови видици и размислувања за стареењето: Дали може третата доба да биде време на креативност и мудрост акомулирани со годините? Зар слабоста, болестите и стравот од смртта не се само наследство од погрешно усвоениот модел на размислување? Можеби од нас зависат долговечноста и бистрината на умот!
    На трибината говореа Павлос К. Хасанагас, учител по јога, од кого и потекна идејата за ваква тема за разговор, потоа д-р Љупчо Каревски, специјалист и професор по ортопедска хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје, Олга Мурџева-Шкариќ, професор по развојна психологија и психологија на односите меѓу половите на Институтот по психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, и д-р Благоја Ѓорѓиески, специјализант од областа на физикалната медицина и рехабилитацијата, инструктор во Јога-друштвото - Прилеп. Водител беше Јасмина Кантарџиева, директор, главен и одговорен уредник на списанието "Семеен магазин". Трибината се одвиваше пред преполнетата сала од членови на Јога-друштвото - Скопје, членови на Сојузот на пензионерите на град Скопје и на организацијата "Трета доба" и други граѓани. Тоа што многумина се вклучија во дискусијата и ги искажуваа своите размислувања и животни ускуства, зборува за успехот на трибината и за актуелноста на темата. Заклучокот што се наметна е дека треба уште многу да се зборува и да се работи на оваа проблематика. Разубавувањето на мислите и облагородувањето на душата е доблесна дејност.

 

 

Павлос К. Хасанагас:
Нашата цел е да создадеме култура на живеењето и да го смениме во позитивна насока своето гледање на работите. Зашто, најлошо е кога мислиме дека знаеме, дека разбираме и дека работите ни се јасни. Потребна е храброст за да разговараме дури и за табу-теми каква што е оваа кога од страв го заобиколуваме терминот старост.
Како може да се дефинира третата доба и кога почнува? Што е староста, а што е младоста е релативна работа. Треба да ги разликуваме биолошката старост и психоменталната старост. Од моето искуство, зашто низ јогата дојдов во контакт со многу луѓе, видов дека староста не е поврзана толку со годините колку со тоа како се чувствуваат луѓето. Видов луѓе во години, но на кои им заблазнував колку беа млади.


Духовниот аспект на староста
Од духовната гледна точка, во староста се случуваат многу интересни работи: човекот неизбежно доаѓа поблиску до себе, конечно има повеќе време за себе. Останува сам и се соочува со себе. Тоа има убава и помалку убава страна. Филозофската и духовната димензија доаѓаат до израз и почнуваат размислувањата за животот што го поминал. Се прашува што бил овој живот, што се случило во овој живот, што добил, што дал. Близината на смртта, пак, активира една клеша, термин од јогиската психологија - абинивеша, а тоа е стравот од смртта односно приврзаноста и љубовта кон животот. Таа потсвесна тенденција се активира и кога човек е болен. Тоа ги поттикнува размислувањата за вредностите и за смислата на животот. Не знам дали секој доаѓа до сознанија, но мислам дека е многу побитно да се дојде до прашања кои полека ќе донесат и некои одговори.
Староста е состојба што може да го облагороди човекот. Си уште ми е свежо сеќавањето на мојата стогодишна баба која како што старееше стануваше помила, поблага и поубава. Со нејзиниот пример почнав да не се плашам од староста. Иако имаше здравствени проблеми, достоинствено поминуваше низ нив. Сфатив дека е битно како живее човек, но и како старее. Мислам дека претставува дел од културата на живеењето да се подготвиме за староста. Секој сака "да ја фати" третата доба и да биде мирен, среќен, а луѓето околу него да му ги укажат вниманието и љубовта што ги заслужува. Зашто тој човек, иако давал цело време, во третата доба е готов уште повеќе да даде.
Не случајно еден од параметрите со кои се мери и проценува цивилизацискиот сталеж на едно општество, нивото на културата на една средина или на поединец е сфаќањето за тоа што претставува третата доба и односот кон неа. Прашањето е колку и како можеме да им помогнеме на луѓето од третата доба и колку и тие самите знаат и сакаат да си помогнат себеси. Во тоа и ние и тие имаме што да научиме, зашто и тоа се учи, за што никогаш не е доцна. Мерата за доброто учење ќе биде колку знаеме да дадеме и да земеме од нив.

 

д-р Љупчо Каревски:
Од медицински аспект третата доба почнува со периодот на менопаузата, што како поим е доминантно поврзан за женскиот пол. Значаен фактор во функционирањето на организмот е хормоналниот систем, гледано од органско-функционален аспект. Но ништо помалку тоа не се однесува и на машкиот пол, чија полова среќа е што тој период го минува во некоја порастегната фаза, за разлика од доста често попрецизната состојба на промена на функционалниот систем кај жената. И веројатно поради брзата хормонална промена поврзана со престанувањето на менструалниот циклус, во периодот на завршувањето на продуктивниот дел на животот на жената, условно речено, се влегува во една состојба која, поради ваквите органски причини што имаат своја психолошка експресија, го дефинира овој период од животот во менопаузата и го менува односот на човекот кон гледањето на својата околина.


Подгответе се за третата доба
Добрата информираност и подготовката за третата доба ќе ви помогнат да ги поднесете тегобите и симптомите што природно следуваат во повисоката возраст. Се смета дека има доволно техники за релаксација и медитација, како и комплементарни прехранбени постапки што овозможуваат значително и успешно совладување на тегобите. Може да го задржите, па дури и да го подобрите квалитетот на својот полов живот, иако во телото има помалку естрогени кај жената, и обратно кај мажот. Нема причини менопаузата да биде време на намален полов живот. Нема подобро време од третата доба за откривање на нови хобија и нови проекти во својот живот. Се препорачува да го правите тоа за да го искористите потенцијалот што постои во вашите, практично, најкреативни години. Третата доба не е почеток на крајот туку почеток на останатиот дел од животот.


Олга Мурџева-Шкариќ:
Тешко е да се определи во која возраст е еден човек зашто има разни возрасти. Биолошката возраст ќе се определи, помалку или повеќе, според процесот што се одвива во клетките и според функционирањето на органите, а психолошката е повеќе лично доживување. За среќа, и биолошката возраст е променлива. Променлива е напред, но биолошкиот часовник можеме да го забавиме, можеме и да го вратиме назад. Верувајте, можеме да се подмладиме.

 

Благоја Ѓорѓиески:
Помладите треба да ги искористат овие размислувања и самите да размислуваат за она што ги очекува во понатамошните години. Освен тоа, повеќето од нас живееме со луѓе во третата доба па треба да знаеме како да ги разбереме и како да ги поттикнеме на активност и на позитивно размислување за да се постигне хармонија на таа возраст.
Факт е дека стареењето е процес што се одвива постојано, односно човекот старее уште од самото раѓање. Тоа во одредени периоди од животот може да се забави или да се забрза, во зависност од активностите во секојдневието. Човекот има огромна способност за рехабилитација, за регенерација, односно за ревитализација, но под услов да знае да ја почувствува состојбата на замор, да застане и да му овозможи на организмот да се ревитализира за да може да се подготви за обврските што следуваат. Денес се си поприсутни трчањето по кариера, афирмација, материјални богатства, незадоволството од она што го имаме моментално, што ни води во психички и физички замор, што е причина за разни психосоматски заболувања.


Можностите на јогата за ревитализација
Кои се можностите на јогата за да се справиме со овие ситуации, односно со себеси, и да излеземе накрај со негативностите во нашиот живот? Зборувам врз основа на искуствата на Јога-сојузот на Македонија, поточно на луѓето од третата доба, иако јогата е дисциплина за сите возрасти. Ги пренесувам искуствата на практикантите што ги посетувале курсевите, добиени по пат на анкетирањата или низ разговор. Интересен е податокот дека луѓето се чувствуваат многу добро практикувајќи ги техники на јогата. Стануваат свесни за своите способности, но и за своите мани и ги коригираат негативните особини што влијаат штетно и го забрзуваат нормалниот биоритам, односно процес на стареење. Се хармонизираат функцијата на сите органи и системи, циркулацијата и работата на срцето, нервниот и еднокриниот систем, дишењето итн. Треба да бидеме свесни дека заморот на еден дел од телото го зголемува заморот на целото тело. Исто е и со болеста. Болеста на еден орган или систем претставува болест на целото тело. Истрошеноста на некој дел од телото, дегенерацијата на некој зглоб, остепорозата или нешто слично го зголемуваат чувството на старост на целото тело. Постојат стари луѓе што се чувствуваат млади зашто кај нив биолошката старост не е толку манифестирана. И обратно, има млади лица со висока биолошка старост поради истрошеност на внатрешните органи и системи. Затоа е важно преку техниките на јогата да научиме како да се активираат внатрешните потенцијали на човекот. На пример, совладувањето на правилниот начин на дишење помага за подобра ревитализација на целото тело и за отстранување на заморот и нервната напнатост.


ПСИХОЛОГИЈАТА НА ТРЕТАТА ДОБА

КАКО ДА СЕ ПОРАСНЕ ДО СТАРОСТА

проф. Олга Мурџева-Шкариќ

 

Трета доба - што е тоа?
Од медицински аспект некои велат дека првата доба е до пубертетот, втората доба е продуктивниот и репродуктивниот период, а третата доба почнува со менопаузата кај жените. Тогаш се јавуваат хормонални промени и други климактерични проблеми.
На Скопскиот алтернативен "Универзитет на третата доба" посетителите се договориле дека за прва доба ќе го сметаат подготвувањето за активен живот, втора доба е времето кога сме активно продуктивни, а во третата доба би требало да ги береме плодовите од втората доба.
Во развојната психологија се вели дека по зрелата доба (40-60 години) доаѓаат лицата за кои велиме дека стареат. Развојните психолози издвојуваат две фази по зрелата доба, односно на крајот од зрелата доба: од 60-75 години е "третата доба"; од 75 години натаму е "четвртата доба".
Овие несогласувања во поглед на определувањето на третата доба произлегуваат од постоењето на три возрасти на човекот.
Првата возраст е хронолошката возраст, а тоа е календарската возраст. Втората е биолошката и таа се определува врз основа на староста на организмот, т. е. според критичните животни знаци и процесот во клетките. Трета е психолошката возраст која се мери според личните доживувања за својата возраст.
Календарската возраст е фиксна и определена. Биолошката возраст е променлива. Биолошкиот часовник можеме да го забавиме, да го запреме, па дури и да го вратиме назад: телото може да се подмлади или да остари биолошки, зависно од тоа како ќе го третираме. Тоа значи дека староста може да се определи не според хронолошката возраст туку според здравствената состојба и физичките капацитети. Суровиот и тежок живот придонесува возрасно млади луѓе да умрат како да се старечки изнемоштени. Современите погодни услови за живеење си повеќе водат кон подолг живот.
Биолошката состојба на организмот не е битно различна кај лицата меѓу 50 и 70 години, со исклучок на промените предизвикани од менопаузата. Социо-економски пониските класи почетокот на стареењето го ставаат на 60 години, а повисоките на 70. Биолошкиот пад е забележлив меѓу 75-тата и 80-тата година. Тоа значи дека човек може да остане активен како во периодот на зрелата доба (40-60 години), па така третата доба може да ги има сите својства на зрелата доба.
Четвртата доба (од 75 години па натаму) се карактеризира со биолошко опаѓање и смрт. Тогаш е позитивно да се прави животен биланс и да се согледа смислата на живеењето. Лицата од оваа доба се свртуваат кон себе, па дури и најекстравертираните имаат потреба да се осамат и да се повлечат за да се соочат со себеси. Тие се свесни за распадот и смртта, го враќаат минатото искуство, ги анализираат нерешените конфликти, се преиспитуваат себеси, наследството, често тагуваат, недоверливи се кон другите и се плашат од осаменост. Ако ги средат нерешените конфликти и стравови, можат да си дадат нова смисла на животот и да се подготват за смртта без страв. Овие лица не чувствуваат дека губат многу, но и другите покрај нив со нивното умирање: смртта станува нормален дел од животниот циклус. Третата доба не е обележена со когнитивни промени какви што има во четвртата, а тоа се: забавени процеси, ригидност, тешкотии во кодирањето на нови податоци и во проверката на хипотезите.
Една до две години пред смртта кај лицата што стареат се јавува терминален пад во когнитивните постигнувања. Тој пад се забележува пред појавата на физиолошките манифестации. Причините за тоа нарушување се: 1. физиолошки (метаболизам, лекови, циркулација) и 2. психосоцијални (безнадежност, недостиг на интелектуални стимули, социјална изолација и слично).

 

Можеме да се подмладиме и да го забавиме стареењето
Повеќето од луѓето што успеале да останат 100 години млади имаат свои "тајни" за долговечноста. Ќе наведеме некои совети на старите луѓе што овозможуваат човек да остане сто години млад.
Во еден експеримент направен од психолозите на Харвард во 1979 година само со петдневна психолошка интервенција лицата што старееле ги промениле негативните биолошки знаци на стареењето. Субјекти биле лица на над 75-годишна возраст и со добро здравје. Од нив единствено се барало додека траел експериментот да се однесуваат како кога биле 20 години помлади и другите кон нив да се однесуваат така. Тие лица ментално го насочиле вниманието кон личните состојби од пред 20 години и размислувале и се однесувале како тогаш. Таквиот рационален приод кон подмладувањето, меѓу другото, придонесол субјектите навистина да бидат способни да прават си како пред 20 години, изгледале подмладени, исправени, со зголемена мускулна сила, па дури и подобро гледале и слушале. За психолозите е интересно дека се случило и она во што не се верува: тие покажале подобри резултати на тестовите за интелигенција.
Ова сознание за моќта на свесниот (рационалниот) приод во практиката треба да се искористи преку вежби за стекнување свест за своето тело, позитивна фокусирана намера и трансформирачката моќ на јасната намера и желба.

 

Едноставен и урамнотежен животен стил
Ефектите на стилот на живеењето врз биолошкото функционирање и врз забрзувањето или забавувањето на стареењето се показатели за тоа како треба и како не треба да се живее. Негативни фактори што го забрзуваат стареењето се депресијата, немањето редовност во дневните и работните активности и незадоволството од работата. Од срцеви удари страдаат луѓе од т. н. тип А. Тие се вечно незадоволни од постигнатото, забрзани поради притисокот од временски збиените многубројни обврски, мораат секој момент да го искористат полезно.
Позитивни фактори што го забавуваат стареењето се чувството на лична среќа, среќниот брак или задоволителната долга врска, редовните дневни и работни рутини и задоволството од нив. Подолго не живеат оние што се богати, со добра физичка кондиција и генетичко наследство туку оние што имале сосема едноставни навики во својот урамнотежен животен стил, како што се: 1. спиење по 7-8 часа ноќе, рано станување и одморање преку денот; 2. појадување секој ден, воздржување од јадење меѓу оброците и јадење на умерено количество разновидна свежа храна богата со белковини, а сиромашна со маснотии; 4. нормална тежина која во текот на животот не варирала; 5. редовни физички активности на свеж воздух (долги прошетки, работа во градина, спорт); 6. целосно избегнување или умерена употреба на алкохол; 7. целосно избегнување на пушењето; 8. умерено пиење на кафе; 9. избегнување на употребата на многу лекови; 10. редовно празнење на цревата и одржување на високо ниво на лична хигиена.

 

Прифаќање на неизвесноста
Има два начина да се справиме со неизвесноста: да ја прифатиме или да м се противставиме. Прифаќањето е поздрав начин зашто ни го олеснува соочувањето со стресот. Мудроста на неизвесноста се состои во давањето можност да се случи непознатото и тоа да биде стимул за развој и за подобро разбирање на животот. Основното е човек да живее во сегашноста, ослободен од желбата да го контролира секој момент.
Стогодишниците се многу приврзани кон слободата и независноста. Тие не сакаат да бидат ограничувани. Најголем број работеле колку што можеле подолго и самостојно, малкумина во големи модерни корпорации. Тие високо ја ценеле својата автономија и се приспособувале на најтешки несреќи. Покажувале нагласена желба за живот, високо ги вреднувале едноставните искуства и уживале во ситни секојдневни задоволства. Биле оптимисти, со смисла за хумор и со позитивна слика за себе. Стогодишниците имаат висока природна интелигенција, жив интерес за сегашните настани, добра меморија, "слатки" сеќавања за детството и се "умерени" верници.

 

Долговечноста како цел
Мнозина сакаат поквалитетен живот, но малкумина си поставиле цел за долговечност. Целиот Кавказ (кој се граничи со Црно Море и Касписко Море) има луѓе постари од сто години. По вера се христијани или муслимани, а и климата, културите и расите им се различни. Во Абхазија има многу долговечни луѓе во селска средина, неписмени земјоделци на 120, па и на 170 години. Во таа култура староста се почитува и се наградува: тоа е идеал. Абхазијците си наздравуваат со "Да живееш долго како Мојсеј!" Никогаш не работат под притисок, со зададен рок, исцрпувајќи се. Кај нив е непристојно да се јаде брзо и многу. Го следат својот биолошки ритам и воспоставуваат природна рамнотежа. 70% од храната им е зеленчук што го берат пред употребата и го јадат свеж или варен. Кога има месо, тоа е од штотуку заклано животно. Преостанатата храна не се чува по оброкот и ја сметаат штетна за здравјето. Лесната исхрана и тешките вежби обезбедуваат вита става што се цени високо. Дебелината ја сметаат за болест. Јаваат често на коњи, но не за работа туку за рекреација и спорт. Високо ја вреднуваат долговечноста, а не богатството. Сите се стремат кон тој идеал.

 

Староста и мудроста
Психолозите почнаа да проверуваат дали стареењето овозможува човек да стане мудар. Сократ велел дека мудроста не може да се учи: таа се искусува и се спознава директно. Мудроста може да се препознае по извесно време гледајќи наназад. Таа е повеќе од искуство - таа е начин на постоење како што е дишењето. Велат, мудроста е во она што сте, не во она што правите.
Физичките и менталните функции можеме свесно секојдневно да ги подобруваме. Мудрите го прифаќаат животот како примарна вредност и имаат намера да живеат долго. Тие преку креативни искуства го прават животот интересен и желбата за подолг живот им расте. Интересен е наодот дека, ако подоцна почнете да творите во некој домен, со стареењето подолго ви се задржува креативноста на тој план. Колективна награда за долгиот активен живот е мудроста. Концентрираните креативни ментални активности ја одржуваат менталната свежина. Артур Рубинштајн на 90 години бил прашан како си уште дава концерти. Тој открил три мудри стратегии: изведувал помалку дела; секое дело го вежбал често; а за да ги компензира намалената брзина и рачната вештина - забавувал неколку секунди пред да почне брзиот дел (изведбата тогаш се чини побрза отколку што е). Очигледно е дека стареењето е процес и бара мајсторија изведбите да останат добри.


Клучеви за 100 години млад
1. Слушајте ја мудроста на телото. Тоа праќа знаци дали нешто ви годи или не. Ако не ви годи, не правете го. За стекнување свест за телото многу помага јогата.
2. Живејте во сегашноста, овде и сега, таква каква е. Тоа се вежба со фокусирана намера. Јогата ни учи како да се насочиме кон одредена состојба, а таа повлекува други состојби и така води кон трансформација.
3. Останете спокојни во душата и во најголем метеж! Најдете време за тихување, смиреноумие, медитација или молитва. Смирувањето е извор на расудувањето.
4. Ослободете се од славољубието. Имајте свое мерило за доброто или злото. Стигнете во состојба на кроткост, т. е. не бранувајте се ментално ни при понижувања ни при пофалби.
5. Кога реагирате луто и му противречите некому, знајте дека се борите сами со себе. Злопаметењето ве повредува најнапред вас. Тежината на вашата лутина ве соборува! Лутењето е знак на голема горделивост. Безгневието е бесчувственост за навреда. Свети Јован Лествичник упатува со најдобри финеси како да се справиме со лутината. Првото ниво е да премолчиме кога ни навредуваат. До второто ниво сме стигнал ако и внатрешно не се вознемириме. Највисокото ниво сме го постигнале не само ако останеме смирени туку ако носиме љубов кон оној што ни навредил. Тоа значи да научиме да проштаваме преку постојан дијалог, преку преиспитување на себеси и на другиот. Невиност се изразува во ведрото расположение ослободено од секаква итра мисла.
6. Секогаш тргнувајте од себе. Светот надвор од вас е рефлексија на светот во вас. Кај другите го мразиме она што го негираме кај себе, го цениме она што го сакаме кај себе.
7. Ослободете се од товарот на осудувањето. Барајте го доброто во секого. Знајте дека секој ближен е подобар од вас! Да сакате, да не осудувате и да се самоприфаќате - тоа се мудростите како да живеете подолго.
8. Не контаминирајте го своето телото со отрови преку храната, пијалаците или лошите чувства и мисли. Ослободете се од трите страсти: сластољубие (со воздржување), среброљубие (со љубов и споделување) и славољубие (не возгордевајте се, туку смирете се).
9. Заменете ги поведенијата што се инспирирани од стравот со оние што се мотивирани од љубовта и милосрдието.
10. Интелигенцијата е дел од секој од нас, дел од организаторската сила на космосот. Бидејќи сте поврзани со си, не живејте со затруен ум: секоја ваша мисла влијае врз севкупната интелигенција. Да живеете во рамнотежа и чисто претставува најголемото добро за вас, за Земјата и за космосот.

 


Моето искуство

ЈОГА НА 79 ГОДИНИ

"Јогата ми помогна да си го продолжам животот и да си го подобрам здравјето."

 

Димитрија Тренчевски е член на Јога-друштвото во Битола. Роден е на први јуни 1920 година, а со јога се занимава од 1994 година. Го замоливме да ни зборува за своите доживувања од две причини. Прво, затоа што ни радува неговиот личен успех во јогата, а второ поради тоа што неговото искуство може да ги разбие сфаќањата како што е: "Јас сум стар за јога-практика". А тоа го велат луѓе што имаат 40 или 50 години. Јогата ни учи, а и личното искуство тоа го покажува, дека менталните сили не стареат. Напротив, ако ги негуваме, се развиваат.
А духовната сила, ќе го направи и телото поздраво и повитално.

 

"За јогата дознав од мојот пријател Милан. Се сретнавме еден ден повеќемина пријатели и, знаете како е со старите луѓе, сите се жалеа за тоа што ги боли. Како што вели еден мој пријател: ,Прашај ме што не ме боли, а не што ме боли'.
Јас имав проблеми со вртоглавица, со високиот крвен притисок и имав спондилоза. Милан ни раскажуваше како нему јогата му помогнала и јас веднаш се заинтересирав. Кога Јога-друштвото во Битола го организира следниот почетен курс, се запишав."

 

Што ве натера да останете во Друштвото толку долго?
"Останав затоа што веднаш почувствував подобрување на здравствен план. Редовно ги посетував часовите и брзо почувствував дека имам подобрување во врска со моите здравствени проблеми. Уште од почетокот исто така редовно вежбав и дома. На почетокот ми беа тешки седечките положби, но и некои други асани, а имав проблеми и со дишењето. Но со текот на времето ги совладав, сега, на пример, во седечките положби останувам без тешкотии, можам и половина час да останам во нив и да се чувствувам пријатно. Ми се допаѓаат вежбањето и мирот што се чувствува притоа."

 

Ова е одличен пример зашто на почетокот сите имаат проблеми со седечките положби и мислат дека никогаш нема да ги совладаат, особено постарите.
"Можам да кажам дека јогата мене ме излечи и сега се чувствувам многу добро. Кога се запишав на почетниот курс имав вртоглавица и примав терапија. Оттогаш веќе немам вртоглавици. Притисокот се регулира и сега веќе ги изведувам и обратните положби кои на почетокот не смеев да ги практикувам. Се намалија и тегобите што ги имав од спондилозата и од ревматизмот на нозете. Порано секое утро се будев вкочанет, ме болеа рацете, нозете и рамото. Телото ми беше круто. Сега ги немам тие тегоби, станувам поеластичен и лесно се движам. И тоа постојано се подобрува, учењето во јогата е отворен процес. Имам добра кондиција, пешачам и по неколку километри.
Јогата ми помогна да си го продолжам животот и да си го подобрам здравјето. Но вежбам редовно, особено ротациите со главата, рамената, половината, колената и стапалата ги изведувам секој ден, секое утро. Ги практикувам и асаните, пранајама-техниките и медитацијата. Многу ретко ми се случува да не вежбам. Особено откако ги почувствував подобрувањата, вежбањето ми стана навика. Тоа е сега дел од мојот животен ритам, чувствувам дека тоа ми внесе дисциплина во живеењето што ми доаѓа многу добро. Порано се чувствував како воз без возен ред. Сега и концентрацијата ми е подобра. На крајот на денот си правам анализа за тоа како поминал тој, се преиспитувам себеси и го планирам следниот ден. А во дневниот ред ми е и јогата, им се радувам на деновите кога треба да одам на час. По часовите се чувствувам многу убаво и многу сум задоволен од тоа како Весна и Оливера ги водат часовите.

Постигнатата самодисциплина, а и предавањата во текот на курсевите ми помогнаа да ја контролирам и исхраната. Порано ми се случуваше да се прејадувам, знаете како е, ќе се собереме на слава или за некои празници и им нема крај на јадењето и пиењето. А секое прејадување го оптоварува стомакот, што е особено штетно за нас постарите. Со сегашното искуство го увидувам тоа и го чувствувам на себе. Проблемите доаѓаат оттаму што луѓето не сфаќаат што им штети на здравјето и не го контролираат тоа. Исто така, често ја применувам терапијата со масло."

 

Како реагираа вашите блиски и пријатели на вашето занимавање со јога?
"Многу добро. Јас имам голема фамилија, имам многу внуци, некои се во средно училиште, некои на факултет. Често ме посетуваат, сакаат да доаѓаат кај мене, разговараме и ме прашуваат: ,Како е со јогата?' Понекогаш се шегуваат со мене: ,Со јогата многу помлад изгледаш'. Некогаш им покажувам некои вежби па се обидуваат и тие да ги направат. Некои вежби, како сурја намаскар, поздравот на сонцето, јас ги изведувам подобро од нив, иако се млади, зашто не вежбаат, па се смееме. Така убаво се дружиме и ме развеселуваат.
А и пријателите ми велат дека има промени кај мене. Искрено, и јас се чувствувам многу подобро, сега сум посигурен. Додека ги имав вртоглавиците бев несигурен, ми беше страв сам да одам на подалечни дистанции. Па дури и кога морав да одам на лекар, не се осмелував да одам сам па барав некој од моите внуци. Имав и тешки моменти во животот, бев во депресија кога ми почина жената, а потоа и синот. Но сега го надминав тоа. Списанијата редовно ги читам и тоа многу ми помага за да си најдам одговори на некои прашања во животот. Средбата си учителот Павлос ми остави впечаток, особено неговите одговори, излагањата се разбирливи за секого и има енергија што им ја пренесува на сите.

Да ви кажам, моите другари се во многу полоша здравствена состојба од мене. Особено проблемите настануваат по пензионирањето. Се повлекуваат во себе и по цел ден седат во паркот или во Домот на пензионерите и се жалат кој што го боли. А проблемите во овие години доаѓаат од недвижењето.
Мене вежбањето ми помогна. Со моите седумдесет и девет години се чувствувам помлад отколку пред пет години, кога почнав да се занимавам со јога."

 

(Текстот е објавен во списанието "Јога - здравје и хармонија", бр.102, лето 1999)

© 2002, Јога-сојуз на Македонија | yogafm@t-home.mk | www.yoga.org.mk |