
ГУРУ
ПУРНИМА - ДЕН НА ДУХОВНИТЕ УЧИТЕЛИ
Павлос К. Хасанагас
Гуру
(учител) = Гу (темнина) +
ру (светлина/отстранува)
„Оној што нè води од темнина кон светлина“
„Оној што ја отстранува темнината (на незнаењето)”
„Гуру Пурнима
е традиционален празник, посветен на духовните учители,
на духовната врска што постои помеѓу учителот и ученикот.
Зaтоа за учителот не можеме да зборуваме како за личност, туку како за
принцип, за она што тој претставува во процесот на учењето. Тој му ја
враќа моќта на човекот да се разбере, открие и доживее себеси; да го
добие она најскапоценото – да се добие себеси. Сè друго можеме да
добиеме на било кој друг начин – храна, дом, информации, научно и
техничко знаење, но не и знаењето за себеси. Духовниот учител е тој
кој го овозможува знаењето за причината поради која постоиме, поради
која страдаме, се радуваме, причината поради која се раѓаме и умираме.
Тој ја открива вистината која е прекриена со многу настани, сеќавања,
мислења и сфаќања.
Сите тајни на животот и смртта се тука, околу нас, скриени во сето она
што го правиме. Вистината е постојано насекаде околу нас, треба само
да ја побараме. Седете смирени и таа ќе се појави, ќе вибрира насекаде
наоколу. Во сè она што ни се случува има мали чуда, мали вистини, само
што оптоварени со сите свои претходни искуства и претстави, не можеме
така лесно да ги видиме, слушнеме, откриеме. Нашиот ум ја нема моќта
на разликување, за да може да ги разоткрие завесите кои ја прекриваат
вистината. И затоа, како што постојат извори на вода до кои одиме да
се напиеме, во овој свет на спознавање потребни се и извори на знаење
– учители, кои можат да го приближат знаењето, односно да ги оспособат
учениците, за да може вистината и учењето да им станат дофатливи,
видливи и разбирливи. Тоа е целта и улогата на Учителите.
Сфатено во тој контекст знаењето во јога не може да биде пренесено на
било кој начин, а успехот што го постигнуваме зависи од начинот на
којшто му пристапуваме на учењето.
Јогата не треба да дојде до нас само како форма, во вид на техника.
Исто така не стигнува до нас само преку зборот. Таа е повеќе внатрешна
флуктуација на енергија. Моќта на учење зависи од способноста да се
отвориме и да примаме. Ние можеме свесно (но повеќе тоа го правиме
несвесно) да ги отвориме или затвориме каналите на нашата внатрешна
природа, а со тоа да го овозможиме, односно спречиме течењето на
енергијата. Ние можеме да бидеме и со илјадници километри оддалечени,
но внатрешната врска да биде жива и силна. Но можеме и да се оградиме
– физички да бидеме блиску, но да го прекинеме меѓусебниот внатрешен
духовен контакт.
Значи внатрешниот став на ученикот и неговата поставеност кон Учењето
и Учителот е од голема важност. Исправниот став ќе воспостави
внатрешен мост на комуникација, внатрешна приемчивост која ќе овозможи
и езотеричната, суптилната јога да протече од едната кон другата
страна, од предавателот до приемникот. Но, ако приемникот не е
наштиман да прима, тогаш само еден многу мал, груб дел од јогата може
да се пренесе. Така може да се научат асани, некои пранајами, дури и
техники на концентрација, но духот на јогата никогаш нема да биде
откриен. Грубиот дел можете да го учите од книги, едни од други, но не
можете од било кого да го добиете спиритуалното знаење.
Ова треба да се сфати бидејќи е од суштествено значење во јогата.
Затоа, односот ученик – учител е многу важен за процесот на учењето и
има далекусежни последици кои досегнуваат до сржта на самото
постоење.“